Македонија
27. September 2022 - 21:18

МО: Не дозволуваме какви било партиски или друг вид на влијание во Армијата

– Во врска со натписите во некои портали, кои се однесуваат на објава на Фејсбук профил на Општинската организација на СДСМ – Арачиново, Министерството за  одбрана информира дека процесот на пријавување и селекција за конкурсот за прием на професионални војници се спроведува согласно професионални норми и стандарди и МО и Армијата не дозволуваат какви било партиски или друг вид на влијание.

– Во Армијата на Република Северна Македонија војниците кои ќе бидат примени ќе треба да ги исполнуваат сите професионални карактеристики пропишани на огласот. Најдобрите ќе бидат примени! Ги охрабруваме сите граѓани заинтересирани да аплицираат без разлика на верска, национална, партиска или било каква друга припадност, се наведува во соопштението на МО.

Истовремено, Министерството за обрана ги повикува политичките партии да се воздржат од какви било притисоци или влијанија врз сегашните и идните припадници на Армијата.

– Армијата и служи на државата, а не на партиите, се додава во соопштението на МО.

Реакцијата на Министерството за одбрана следи по објавените написи во некои медиуми дека ОО на СДСМ – Арачиново преку својата Фејсбук страница ги повикувала кандидатите што аплициравте на Огласот за прием на војници во Армијата „да се пријават кај претседателот на огранокот во Арачиново или кај членовите на раководството на огранокот на СДСМ – Арачиново“.