Македонија
19. December 2018 - 14:12

МНР вработува млади дипломати

Министерството за надворешни работи на Република Македонија информира дека до крајот на 2018 година ќе бидат објавени огласи за вработување на млади дипломати и за помошно-стручни службеници, со цел развивање на компетентна, квалитетна и професионална дипломатија, подготвена да одговара на современите предизвици и суштински да придонесува кон исполнување на стратешките цели на Република Македонија.

– Водејќи се од начелата на меритократија, инклузивност и транспарентност, целта е што поширока дисеминација на посочените огласи за вработување. Во тој правец охрабруваме пријавување на што поголем број на кандидати кои ги исполнуваат условите за вработување. Притоа, информираме дека за конкретните постапки и претстојни фази во процесот на селекција на кандидати, кои ќе се спроведуваат на почетокот од наредната година,  јавноста ќе биде навремено и прецизно известувана, се наведува во соопштението од МНР.

Иницијално потребни документи при пријавувањето на огласите за млади дипломати, информираат од МНР, се доказ за државјанство на Република Македонија, доказ за општа здравствена способност за работното место, дипломи од последниот степен на образование, изјава заверена на нотар дека не е член на орган на политичка партија на републичко ниво, потврда дека со правосилна судска пресуда не му е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност, меѓународно признат сертификат за познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски, германски) и други документи кои ќе бидат прецизирани со огласот за вработување.

Условите за вработување на помошно-стручни службеници ќе бидат дополнително објавени.

Дополнителни информации во врска со новите вработувања, ќе добиете со официјалната објава на огласот за вработување, на интернет страницата на МНР, официјалните профили на МНР на социјалните мрежи и интернет страницата на Агенцијата на администрација.