Македонија
4. February 2020 - 15:56

МНР: Во моментов нема евакуации на странски државјани од Кина, наши државјани можат и самостојно да се вратат во земјава

Министерството за надворешни работи соопшти дека продолжува со редовното следење на состојбата во врска со ширењето на коронавирусот и мерките што се преземаат за негово сузбивање, а посебно внимание се посветува на државјаните кои престојуваат во загрозените подрачја, посебно во градот Вухан и поширокото подрачје.

Од Министерството посочуваат дека преку Амбасадата во Пекинг, се во редовен контакт и со нашите сонародници во другите градови и региони во Кина. Воедно, укажуваат дека во моментов не се организираат целосни евакуации на странски државјани од Пекинг и од другите делови на Кина.

-Во случај на нивно организирање, Амбасадата на Република Македонија навремено ќе ги  информира државјаните на Република Македонија кои се наоѓаат на територијата на Народна Република Кина и ќе ги извести за потребната процедура. Нашите државјани, по свое убедување и во сопствен аранжман, можат и самостојно да се вратат во земјата, почитувајќи ги прописите од надлежните органи на секоја држава на транзитирање, се наведува во соопштението од МНР.