Македонија
27. January 2020 - 15:20

МНР: Во Амбасадата во Пекинг досега не е пријавен ниту еден случај на наш државјанин заболен со Коронавирусот

Согласно информациите добиени од нашето Дипломатко-конзуларно претставништво во НР Кина, Министерството за надворешни работи информира дека до овој момент во Амбасадата не е пријавен ниту еден случај на наш државјанин заболен со Коронавирусот. Исто така, нема пријавени наши државјани кои се наоѓаат во пошироката зона со рестриктивни мерки за движење на кои им е потребна помош.

Како што информира Министерството за надворешни работи, во НР Кина легално престојуваат околу 100 наши државјани, а нашето ДКП е во постојан контакт со нив.

Граѓаните на Република Македонија за подетални информации околу развојот на состојбите можат да се обратат во нашата Амбасада во Пекинг на дежурниот телефонски број +86 185 1351 2812 или е-маил, beijing@mfa.gov.mk.

Велика Британија, Германија и Шпанија денеска најавија дека ќе помогнат на своите граѓани да го напуштат кинескиот град Вухан, од каде почна заразата со коронавирусот, од кој досега починаа 80 луѓе. Претходно, Франција, САД и Јапонија соопштија дека се подготвуваат за евакуација на своите државјани. Делегацијата на ЕУ денеска во Пекинг ќе одржи итен состанок за да ја координира евакуацијата на европските граѓани, кои се наоѓаат во Кина за да се ограничи заразата од коронавирусот.

Во меѓувреме, кинеското Министерство за финансии соопшти дека ќе издвои 8,74 милијарди долари за да го спречи ширењето на коронавирусот.

Најмалку 80 лица починаа од коронавирусот, а само во Кина се заразени 2.744 лица. Вирусот продолжи да се шири во светот, каде што се регистрирани 50 заразени случаи, од кои петмина во САД.