Македонија
9. August 2022 - 16:33

МНР: Нема нови договори со Бугарија

Не се подготвуваат нови обврски за Скопје и Софија, надвор од договорените принципи со меѓусебниот Протокол. Најавените документи од бугарска страна се за внатрешна употреба. Ова е одговорот на македонското министерство за надворешни работи по најавата на техничкиот шеф на дипломатијата од Софија Милков дека бугарската влада ќе усвои писмен докуменет што ќе ги дефинира задачите на институциите во Бугарија со конктетно утврдени обврски за дијалогот со Македонија.

Од МНР велат дека го следат процесот на формирање на техничката влада во Бугарија, при што велат дека охрабрува значајниот фокус што се придава на нашите билатерални односи како важен елемент и на новата Влада.

„Сите појавени информации за внатрешната поставеност, за начинот на организација, акциските планови и приоритетите на новата Влада се внатрешна работа на Република Бугарија, и тие не претставуваат резултат од меѓусебните разговори.

Оттука сакаме да ги отфрлиме сите наводи дека се подготвуваат нови обврски за двете држави надвор од договорените принципи во меѓусебниот Протокол кои значат: прво реципроцитет во рамките на преземените обврски; како и автономија на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања“, велат од министерството на Османи.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, обвинуваат дека со најавениот бугарски докумнет СДСМ продлжува со концесиите кон Бугарија.

„Сега после еден месец од историскиот успех кој што го најави Ковачевски се случува нов дебакл  и нов пишан документ со задачи. Овој документ ќе биде основата на која Бугарија ќе го оценува напредокот по нивни терк и според кој ќе одобрува или не продолжување на преговорите. Каде се сега Османи, Маричиќ, Пендаровски и Ковачевски да кажат што содржи овој пишан документ кој го најавува бугарската дипломатија? Пак ли ќе се кријат и ја доведуваат Mакедонија пред свршен чин....За да престанат предавствата и газењето на македонските национални и државни интереси мора да се случат избори, мора да се случи референдум на кој народот јасно ќе каже дали е за или против ваквата измеќарска и понижувачка политика на Ковачевски и СДСМ“, кажа Миле Лефков, ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката СДСМ пак, возрвраќаат дека и покрај тоа што нема никаква бугарзиација од опозицијата шират лаги.

„И денеска ВМРО-ДПМНЕ шири невистини и лаги за некакви нови договори, за некакви нови услови со кои се обидува да ја вознемирува јавноста.Многу брзо ќе се покаже дека и оваа лага на ВМРО-ДПМНЕ ќе пукне како меур од сапуница. Не е првпат ВМРО-ДПМНЕ да лаже кога станува збор за државните и националните интереси. Оваа партија предводена од Мицкоски има проблем секогаш кога државата бележи напредок во евроинтеграциите. За разлика од таквото нивно однесување, СДСМ продолжува со одговорни политики, политики кои го штитат македонскиот јазик и идентитет и кои обезбедуваат напредок во интеграцијата на државата во ЕУ“, вели Дарко Каевски, СДСМ.

Милков, кој е дел од техничката влада со мандат до 2 октомври,  вчера посочи дека со новиот бугарски документ ќе се постигне системски пристап на задачите и одговорнистете во дијалогот со официјално Скопје бидејќи во Македонија нема меѓупартиски консензус за ова прашање.