Македонија
10. February 2020 - 16:41

МНР конечно воспостави директна комуникација со македонски граѓани во карантин на бродот во Јокохама

По повеќе од една недела откако крузерот Дајмонд Принцес беше закотвен во јапонското пристаниште Јокохама поради појава на корона вирус меѓу патниците, македонските власти конечно стапија во контакт со тројцата наши граѓани кои се вработени на бродот. Тие не се меѓу 130-те заразени со вирусот а директната комуникација ја направила амбасадата на Македонија во Токио.

Станува збор за двајца мажи и една жена, членови на екипажот и се наоѓаат во добра здраваствена состојба, информираат од МНР.

На крузерот кој од почетокот на месецот е во карантин,  има околу 2700 патници и 1100 вработени и членови на екипажот. Како што пренесуваат светски медиуми, на гостите на бродот им е дозволено повремено да излегуваат на палубите за да земат свеж воздух, но мора задолжително да мерат температура.

Бизнисмен од Велика Британија, пак, се смета за одговорен за ширење на вирусот кај најмалку 13 лица. Престојувал во хотел во Сигапур па оттаму заминал на скијање на Алпите. Освен што ја пренел заразата, уште на 100 лица морале да им прават тестирање за корона бидејќи се возеле во авион со заболениот.

Од опасниот корона вирус досега починаа над 900 лица а повеќе од 40 000 се заразени. Освен во Кина болеста е проширена во уште 25 земји.