Бизнис
9. October 2018 - 16:47

ММФ: Македонија со најнизок економски раст на Балканот - Србија, Косово и Албанија со раст од 4%

Македонската економија со најнизок економски раст во регионот, предвидува Маѓународниот монетарен фонд (ММФ). Според извештајот, земјава ќе ја заврши годината со раст на БДП од само 1,6%. Економистите сметаат дека намалените очекувања на ММФ се оправдани и се базираат на политичката состојба во Македонија, но и на слабата реализација на капиталните инвестиции.

“Главната причина за намалување на прогнозите е фактички оваа, како што некои ја нарекуваат, мини политичка криза, што можеби и ќе се изгради во политичка криза. Згора на тоа, дури и да не се случеше ова, мислам дека не ќе можеше да се реализираат тие 3,2%, иако јас во почетокот бев оптимист, затоа што се задоцни со капиталните вложувања. Но, како и да е, ако дојде до политички избори и ако се комплицираат состојбите, треба да бидеме задоволни ако стигнеме со 1,6% раст”, изјави Академик Таки Фити, претседател на МАНУ.

И покрај намалените очекувања за раст од страна на меѓународните институции, но и од домашните експерти, Владата сèуште останува на ставот дека ќе се оствари проектираниот раст од 3,2%.

“Немаме никакви причини да се откажеме од проекциите затоа што имаме раст во вториот квартал, го очекуваме растот во третиот квартал и тоа ќе биде така. Ние остануваме на 3,2% раст и ги имаме сите практични причини за тоа. Веројатно знаете дека меѓународните институции кога има процеси како сега, еве, дали ќе се гласа или не, се песимистички ориентирани и така и ги кажуваат своите коментари. Кога целото општество било заедно сплотено и давало оптимизам, тогаш и тие биле оптимистички ориентирани. Така да, остануваме на проекциите од 3,2%”, изјави Зоран Заев, претседател на Влада на Република Македонија.

Најголем економски раст на Балканот ММФ предвидува за Словенија, 4,5%, а следуваат Албанија, Косово и Србија со раст од 4%. Последни на оваа листа се Грција и Македонија.