Бизнис
18. јуни 2016 - 20:42

ММФ: Брегзит ќе има негативно влијание врз британската економија

Излегувањето на Велика Британија од ЕУ ќе има негативно влијание врз британската економија, која во најлош случај може следната година да се соочи со рецесија, предупреди Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Доколку на 23 јуни Британците изгласаат излез од ЕУ, тоа ќе доведе до подолготрајна нестабилност, која ќе влијае врз довербата и инвестициите и да ја зајакне нестабилноста на пазарите.

ММФ подготви и две сценарија во случај на Брегзит. Во првиот, кој е помалку загрижувачки, порастот на британската економија ќе биде 1,7 отсто за тековната година, наместо прогнозираните 1,9 проценти и 1,4 отсто следната година наместо предвидените 2,2 процента. Невработеноста ќе биде пет проценти за тековната година и 5,3 отсто за следната година.

Според второто, повеќе загрижувачко сценарио, доколку се изгласа излез од ЕУ британската економија ќе се соочи со рецесија со раст од минус 0,8 проценти, пред да достигне раст од 0,6 отсто во 2018 година. Невработеноста ќе биде шест отсто следната година и 6,5 проценти во 2018 година. Инфлацијата ќе се зголеми на четири отсто следната година, наместо прогнозираните 1,9 проценти.

Генералниот директор на ММФ, Кристин Лагард вчера во Виена ги повика Британците да гласаат за останување во Унијата, истакнувајќи ги цврстите британски врски со Европа и зголемената трговија како резултат на членството.