Македонија
26. February 2020 - 17:18

ММА: Прекинот на реемитување програма на телевизиите од телекомуникациските оператори е незаконски чин

Прекинот на реемитување на домашните и странските ТВ канали од телекомуникациските оператори е незаконски чин, тврдат петте национални телевизии.

Од Македонската медиумска асоцијација велат дека е лажна вест оти е донесен нов Закон за Аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги. Законот е донесен во 2018., а стапува во сила една година по донесувањето од причина што Собранието го стави под мораторум членот 143. Овој член стапува во сила 60 дена по формирање на новиот совет на АВМУ.

Овој член всушност ги регулира автроските и сродните права. Односно, операторите да пријават договор и изјава дека ги имаат авторските права за програмата која се емитува.

Законот во Собранието е донесен со консензус од сите парламентарни политички партии.

-Што се однесува до самиот Закон би сакал да изразам задоволство дека конечно после 30 години во Македонија се прави обид да се регулира сферата со авторските права. Сакам да нагласам дека Македонија е единствената држава во Европа каде што безумчно се пиратираат десетици канали без авторски права и кои што создаваат нелојална конкуренција, вели претседателот на ММА, Атанас Кировски.

Директорите на националните телевизии непријатно се изненадени од едностраната одлука на операторите.

-Крај сум непријатно изненаден од тоа телекомуникациските оператори да покажат толку ниско ниво на општествена одговорност во една таква деликатна ситуација каква што сме сега кога Владата побара да нас да емитуваме бесплатни спотови за да го информираме населението за коронавирусот. Или во месец кога очекуваме да добиеме датум за преговори после 30 години на оваа држава. Или ако сакате во предвечерието на парламентарните избори кои што се од големо значење за иднината на оваа држава и ова општество некој да се заканува и да им вели на граѓаните „Ќе ве фрлиме во информативен мрак“, рече Кировски.

Иако Здружението на информатичко-комуникациски технологии тврди дека Законот е спротивен на европските регулативи, и имаат добиено и писмено мислење од страна на Делегацијата на ЕУ во Македонија, директорите велат дека се во контакт со странските амбасади и имаат поддршка оти треба да се почитуваат авторските права.

Кировски побара директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски да си поднесе неотповиклива оставка поради изнесување на фејк њуз во јавноста и оти неговото непостапување ескалирал целиот проблем.

Македонската медиумска агенција гарантира дека националните телевизии поседуваат договори за авторските права за програмата која ја емитуваат 24/7.

И за стопанството императив е почитувањето на авторските права. Претседателка на Сојузот на стопански комори вели дека доколку операторите сакаат да го прекинат реемитувањето тогаш треба да ги раскинат сите договори.

-Најважно за нас е да се почитуваат авторските права и правата на интелектуална сопственост. Тоа е она што е од исклучителна важност не само во Македонија, туку и во земјите од Европската унија. Доколку операторите сакаат да ги прекинат услугите под оние услови кои што ги имаат доставено  и потпишано во договорите до своите корисници за истото треба однапред да ги известат и ако треба да ги раскинат договорите, а не да не фактурираат за услуга за која што склучиле договор дека непречено ќе им ја снабдуваат, зашто сите ние зависиме од информациите. Сите ние врз основа на тие договори имаме преземно лични обврски, вели Арсовска.

Од осамостувањето до денес кај националните телевизии имало само еден пример за непочитување на авторските права, но грешката настанала бидејќи дистрибутерот од којшто е купен филмот не ги поседувал правата за емитување во Македонија.