Македонија
2. September 2015 - 20:41

ММА: Одлуката на апелацијата е мешање во правото на уредувачката политика и е спротивна на Законот и Уставот

Македонската медиумска асоцијација на 5-те приватни национални телевизии : Сител, Канал 5, Алсат М, Алфа и Телма, е шокирана од последната одлука на апелацискиот суд во Скопје со кој се врши директна интервенција во уредувачката политика на на ТВ Телма и се загрозува правото на сопствена уредувачка политика, што е во директна спортивност на законот за медиуми и македонскиот Устав.  

Имено, апелацискиот суд ја потврди одлуката на Основниот суд Скопе 2, со кој на Телма и е наложено вработената Емилија Лазаревска да ја прераспореди на позиција одговорен уредник на информативна програма, без никаква законска основа, туку со „правно“ образложение дека таа била добар новинар.

Оваа скандалозна одлука на судовите, кои наместо да судат според законите си дозволуваат да донесуваат апсурдни пресуди врз основа на субјективно убедување на судиите кој бил добар а кој бил лош, кој бил убав, а кој бил грд, претставува незаконско директно мешање во уредувачката политика на ТВ Телма која според оваа одлука на судовите, нема право да си избере одговорен уредник на информативната програма кој ќе ги реализира програмските цели на телевизијата и инвеститорите на телевизијата, туку е должна да ја спроведува политика на судот, и да се повинува на кадровски решенија на судот.

Со други зборови, македонските судови решаваат кој е одговорен уредник на информативна, што ќе биде прва вест, која вест да се објави, а која не, што е невиден тип на цензура, и настан без преседан во светски рамки.

Ако судот инсистира на спроведување на оваа одлука, тоа ќе претставува пракса, нити еден одговорен уредник да не може да биде сменет од таа позиција доколку како сведок обезбеди еден пензиониран новинар кој ќе посведочи дека сменетиот одговорен уредник бил добар новинар, како што судот постапи во овој случај врз основа на беспредметното сведочење на Ристо Лазаров.

Судот освен што во одлуката не го почитува законот за медиуми според кој секој издавач на медиуми може да има одговорен уредник кој го именува и разрешува издавачот на медиуми –а не судот, го гази и Уставот на Македонија кој ја гарантира слободата на медиумите.

За ваквите скандалозни одлуки на судот Македонската медиумска асоцијација ги извести претставниците на меѓународната заедница, релевенатните македонски институции и повисоките судски инстанци.