Македонија
13. April 2019 - 16:23

Младите се иселуваат од Малешевијата

Овчарството во Малешевијата полека изумира. Малкумината млади луѓе кои останале да живеат во своите родни огништа, не се заинтересирани да се занимаваат со оваа сточарска гранка, но повеќе загрижува фатот што најголемиот дел од нив заминале надвор од границата.

- Младите сите ни заминаа. Овде повеќе нема млади. Сите заминаа во Германија, во странство, отидоа за пари, овде не се живее- изјави СЛАВКА СТРАТОВСКА, ЖИТЕЛ НА С. РУСИНОВО, БЕРОВСКО

Стратовска е 64 годишна жена која во целиот свој работен век одгледувала овци. Вели дека, повеќе не може да се егзистира од овчарството поради ниската откупна цена на јагнето од само 120 денари за килограм, па биле приморани да ги чуваат да пораснат големи.

- Ги чувавме до 30 килограми и повеќе, ама и нас не изедоа, што се вели. Еве сега имаме пак 50-60 за продажба, ама нема на кој да ги дадеме. Има ли сметка да ги дадеш за 90 или 70 денари, нема-изјави Стратовска

Во село Русиново до пред само некоја година имало и до 5000 грла овци, а тој број денес е пет пати намален.

- Не знам точно да кажам, но најмногу има до 1000 овци, се е испродадено-додаде Стратовска

Според државниот завод за статистика, лани во земјава се регистрирани 727 000 грла овци, а скоро 98 % од нив се во сопственост на индивидуални одгледувачи.