Бизнис
23. September 2015 - 11:16

Младите претприемачи од Охрид и Струга ќе ги одмерат своите знаења

Четири екипи ученици од средношколските центри во Охрид и Струга ќе учествуваат на завршниот натпревар насловен „Претприемач-да се биде или не“ што утре ќе се одржи во Средното општинско училиште „Св.Кирил и Методиј“ во Охрид.

Станува збор за завршна активност во рамки на поширокиот проект спроведен годинава насочен кон подобрување на квалитетот на претприемничкото учење спроведен во стручните средни училишта во двата града.

Екипите учесници на натпреварот ќе имаат задача да разработат идеи за трансформирање на класичен во одговорен бизнис, што ќе биде оценувано од поебна комисија составена од припадници на локалната бизнис-заедница.

Инаку, проектот за подобрување на квалитетот на претприемничкото учење во средните стручни училишта во Охрид и Струга предвидуваше обуки со наставниците и учениците, преку позитивни искуства на бизнис-заедницата. Беа спроведени посети на успешни локални фирми каде учениците на лице место сретнаа различни бизниси, потоа организиран беше и летен камп во Охрид на кој учествуваа 40 млади од цела Македонија.

Преку прокетот младите имаа можност да ја идентификуваат разликата помеѓу барање работа и создавање сопствен бизнис, да ги дознаат неопходните вештини што треба да ги поседува секој претприемач,  како и да ја осознаат перспективата што им се отвара зависно изборот што ќе го направат.

Проектот чија реализација почна во мај годинава ја реализира Локалата агенција за развој од Струга, во соработка со Средното стручно училиште „Св. Кирил и Методиј“ од Охрид и струшкото средно училиште „Нико Нестор“.