Македонија
18. April 2018 - 9:11

Младите правници го поздравуваат стапувањето во сила на Законот за меѓународна и привремена заштита

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) го поздравува донесувањето на Законот за меѓународна и привремена заштита, што ја регулира областа на меѓународната заштита во Република Македонија и смета дека ова законско решение претставува значаен чекор напред кон хармонизација на македонското законодавство во оваа област со правото на ЕУ.

Законот за меѓународна и привремена заштита од утре ќе стапи во сила со што ќе престане да важи досегашниот Закон за азил и привремена заштита кои беа донесени во 2016 година.

Од МЗМП истовремено изразуваат загриженост за процесот на донесување на Законот во кој не беа вклучени сите релевантни актери, како и за начинот на уредување на новата законска мерка ограничување на слободата на движење на барателите на право на азил.

Спорните одредби на досегашниот Закон беа донесени во 2016 година и ограничија две суштински права за лицата кои изразиле потреба од меѓународна заштита во Република Македонија: правото на семејно обединување и пристапот до ефективна постапка за азил.

По повод овие измени Македонското здружение на млади правници реагираше до надлежните институции со барање измените да се повлечат и беше дел од Иницијативата на Народниот правобранител за измени на законот која беше поднесена до Владата на РМ.

Со новиот Закон за меѓународна и привремена заштита, како што велат од МЗМП во денешното соопштение, надмината е загриженоста која произлезе како резултат на спорните законски решенија.

МЗМП воедно ги цени како позитивни напорите за понатамошно усогласување на македонското законодавство од областа на азилот со европските директиви.

Од МЗМП изразуваат загриженост за една од најкрупните промени што новиот Закон ја воведува, а тоа е можноста за ограничување на слободата на движење на баратели на право на азил.

- Согласно новата мерка, на лицата кои побарале азил во Република Македонија и за кои во моментот се води постапка за признавање право на азил, во одредени случаи утврдени во законот може да им се ограничи слободата на движење со решение на Министерството за внатрешни работи, појаснуваат од МЗМП.

Според МЗМП, иако оваа нова законска можност е усогласена со европското право, отсуствуваат гаранциите за правата на барателите на право на азил во овие случаи кои Директивата 2013/33/ЕУ ги познава, а се однесуваат на времетраењето и условите на ограничување на слободата на движење, како и на посебните правила во однос на децата, семејствата и барателите на право на азил од женски пол.

МЗМП е на ставот дека ограничувањето на слобода на движење на барателите на право на азил треба да биде користено само како последна можна мерка и дека нејзината примена кон деца е недозволива.

Во оваа насока, додаваат дека треба да бидат достапни соодветни алтернативи кои ќе обезбедат заштита на правата, достоинството и благосостојбата на овие лица. 

- Новиот закон беше донесен во еден недоволно инклузивен процес, без да биде вклучен граѓанскиот сектор кој работи во оваа област и без јавна расправа, кои се важни предуслови за носење на квалитетен закон во отворена и транспарентна атмосфера, велат од МЗМП и изразуваат надеж дека периодот што следи ќе се искористи за сеопфатен национален дијалог во Република Македонија, преку кој ќе се идентификуваат слабостите на дел од новите законски решенија и соодветно ќе се одговори на нив, а со цел целосно исполнување на меѓународните стандарди и обврски во делот на заштитата на лицата кои бараат меѓународна заштита.