Македонија
3. April 2021 - 17:05

Младите пациенти со тешки симптоми да не седат дома, апелираат лекарите

Пациентите со тешка клиничка слика во Ковид центарот во штипската клиничка болница доаѓаат во исклучително лоша здравствена состојба. Најголемата грешка што ја прават заболените лица, смета д-р Дијана Шишкова, е компарирањето со нивните блиски дома кои се во подобра здравствена кондиција, сметајќи дека и ним ќе и се подобри состојбата.

Три сестри, двете биле полесни, третата чека да и помине дома. Едноставно во многу тешка здравствена ситуација доаѓаат, со сатурации по 50, 60, 70. Нема зборови да се опише колку некои луѓе навистина чекаат дома ситуацијата да им се подобри, иако се тешки, чувствуваат замор при одење до тоалет, имаат високи температури, имаат „глад“ за воздух, а немаат никаков апетит, а седат дома и чекаат болеста самата да им помине- изјави д-р Дијана Шишкова, раководител на инфективно одделение-Штип

Најтешките пациенти од пред 2 дена се пренесени во модуларната болница каде има 47 легла и централен довод на кислород, што е многу значајно и за персоналот и за пациентите, ако се има во  предвид дека потрошувачката на кислород последниот месец скоро двојно е зголемена.

Голем број пациенти се зависни од многу високи дози на кислород, а возрасната граница се намалува. Имаме пациенти на 23, 27, на 33 годишна возраст кои имаат зависност и потреба од кислород- додаде Шишкова

Во Ковид центарот, во модуларната и на инфективно се хоспитализирани 86 пациенти од целиот источен регион. Во здравствените домови во Штип, Кочани и Делчево се одвива вакцинација со АстраЗенека на постари лица од 65 години, а досега се пристигнати вкупно 900 вакцини.