Бизнис
17. September 2017 - 13:13

Младите невработени лица од Кратово да аплицираат за општо-корисна работа

Локалната самоуправа на општина Кратово ги повика сите млади невработени лица од градот од повеќе ранливи категории и млади до 29 години да аплицираат за ангажман во проектот „Заедничка радост“, дел од програмата „Општинско-корисна работа“ од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2017 година усвоен од Владата на Република Македонија.

Програмата ќе се реализира согласно договорот за соработка помеѓу Агенцијата за вработување на РМ, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и општината, а со проектот во период од шест месеци ќе бидат ангажирани девет негуватели на стари и изнемоштени лица и лица со попреченост, како и еден патролен социјален работник.

На огласот кој трае до 20-ти септември можат да се пријават музички работници, работници од областа на физичко и здравствено образование, педагог,одделенски наставник, психолог и образовен асистент.

Услов за аплицирање е апликантите да припаѓаат на една од целните групи: невработени лица евидентирани во АВРМ најмалку една година, млади невработени лица евидентирани во АВРМ најмалку шест месеци, млади лица до 29 години со ниски квалификации, деца без родители и родителска грижа, жртви на семејно насилство, припадници на ромската популација, родители на деца со пречки во развојот и родители на три и повеќе деца.

Сите лица кои ќе бидат вклучени во проектот ќе бидат ангажирани со скратено работно време, во период од шест месеци, за што е предвиден паричен надомест во висина од 6.200 денари. За време на работниот ангажман статусот на невработените лица останува непроменет, а на невработените лица-корисници на социјална помош за времетраење на работниот ангажман ќе им биде активно правото на користење на социјална помош.

Потребната документација за апликација е достапна во Подрачната канцеларија на Агенција за вработување, Кратово.