Loading Video...
Ракомет
21. April 2019 - 17:49

Младите македонски ракометари повторно поразени од Германците

Младите македонски ракометари го освоија 4.место на меѓународниот турнир во Бугојно, БиХ. 
 
Во „малото финале“ нашите ракометни надежи беа поразени од соодветната селекција на Германија со 24-23 полувреме 11-11, со што не успеаја да им се реваншираат на Германците за пораз во дуелот од групната фаза. 
 
Во интересно и рамноправно прво полувреме, двете селекции имаа свои добри  минути на игра, но ниту една не успеа да направи поголема предност од два гола, па првиот дел заврши израмнето 11-11. 
 
Во второто полувреме жолто-црвените во 41-тата минута имаа четири гола позитива (17-13). Сепак. Тоа како да ги подзаспа нашите надежи, па во наредните 10-тина минути младите Германци се вратија во игра и со серијата од 6-1, во 51-минута поведоа со 19-18. Од тој момент до крајот нашите ракометари беа оние кои го бркаа резултатот, но за жал не успеаја да ја анулираат негативата, па на крајот загубија со еден гол разлика 24-23.
 
Симоновски со седум гола беше најефикасен во таборот на македонската репрезентација, додека Серафимов и Костески постигнаа по пет погодоци.
 
Тоа беше и третиот пораз на нашата селекција на овој турнир на кој настапуваа ракометари родени 2000-тата година и помлади. Покрај овој пораз, во групната фаза нашата селекција загуби од Германија со 31:24, а во полуфиналето беше поразена од Словенија минимално со 26-25.
 
Двете победи беа убедливи и тоа над Швајцарија со 11 гола разлика (33:22) и Србија која ја совладаа со девет гола разлика (35:26). 
 
За првото место на овој турнир ќе играат репрезентациите на Словенија и Полска.