Македонија
17. јуни 2019 - 16:43

Младите лекари бараат работа во главниот град

Со законските измени, млади лекари кои дипломирале и се стекнале со лиценца, 6 месеци ќе бидат вработени и со просечна лекарска плата во служби за брза помош, превентивни пунктови и домашна посета. На огласот од Министерството за здравство досега се пријавиле 44 доктори од кои повеќето сакаат да работат во главниот град. Надлежните најавуваат во иднина наместо половина година вработувањето на овој кадар да биде на неопределено време

Младите доктори најмногу сакаат да работат во Скопје. Од 44 те пријавени лекари на јавниот повик од министерството за здравство, повеќето навеле дека 6 месечната платена работа сакаат да ја поминат во скопската Брза Помош, вакциналните пункови и службата за домашна посета. Здравствените власти дополнително ќе одлучуваат дали сите ќе останат во главниот град, или, пак ќе работат во здравствените домови во местото на живеење.

-Реално, во Скопје во Здравствениот дом има најмногу потреба од засилување на кадарот. Но ќе видиме како ќе оди прераспределбата. На оние кои сега полагаат за лиценца, оваа работа ќе им биде услов за специјализација, вели Венко Филипче, министер за здравство.

За да не бидат само за привремено пополнување на дефицитарниот кадар, надлежните најавуваат дека во иднина овие огласи нема да бидат ограничени, туку работата на младите доктори ќе биде на неопределено време.

-Преговараме со Фондот околу финансискиот дел, и мислам дека ќе успееме во тоа бидејќи на тој начин ќе ги задржуваме да останат во земјата. Ќе работат со поискусни лекари на терен и така ќе го стекнуваат искуството, вели Филипче.  

Здравствените власти најавуваат вакви огласи и за медицински сестри. Овие мерки се должат на егзодусот на лекарскиот кадар но и средно медицинскиот персонал кои за поголеми плати заминуваат на работа во европските земји.