Македонија
5. March 2016 - 10:07

Младите до 27 години бесплатно со воз секој прв и трет викенд

Првата група млади до 27 години денеска замина за Велес со воз од железничката станица во Скопје искористувајќи ја новата владина мерка за бесплатен викенд најавена пред неколку дена. 

- Практично од овој викенд започнуваме со новата мерка. Секој прв и трет викенд во месецот ќе биде бесплатен за младите до 27 години, изјави министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

Потсети дека од 2014 година досега младите луѓе до 27 години бесплатно можеа да се превезуваат со возовите на Македонски железници само третиот викенд во месецот.

- Субвенциите на оваа мерка досега ги имаат искористено преку 50.000 граѓани односно млади луѓе до 27 години, што значи директна заштеда од преку 300.000 евра. Ние видовме дека е многу важно да го продолжиме овој стимул и да им дадеме можност на младите првиот и третиот викенд во месецот бесплатно да се возат, истакна Мисајловски.

Според него, ќе се направи дополнителен стимул сите оние млади луѓе да можат дополнително да се возат бесплатно, а од друга страна да почуствуваат и една комоција со новите возови што пристигнаа. 

- Едниот воз веќе почна да оперира. Вториот може да видиме дека е поставен на пругите. Очекувам дека до средината на овој месец и тој ќе почне да сообраќа. Третиот воз исто така пристигна и набрзо ќе го ставиме во функција. Ќе го испочитуваме договорот што го имаме потпишано со кинеската фирма до јуни да стигнат сите возови и потоа да влезат во сообраќај, истакна Мисајловски. 

За Мисајловски, како што рече, е многу важно што младите го поздравуваат овој проект и мерките што ги презема Владата а што беа најавени од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. - Младите ќе имаат подобар и поквалитетен живот, а од друга страна ќе се заштеди доста од нивните буџети, посочи министерот за транспорт и врски.

Мисајловски заедно со повеќе млади луѓе од железничката станица во Скопје со возот се упати кон Велес.    

Младите ќе можат да ја користат мерката во првиот и третиот викенд во месецот почнувајќи од петок на пладне до понеделник до 12 часот.