Македонија
16. January 2020 - 15:17

Мизрахи-Ди Џовани: Унапредувањето и заштитата на правата на децата се приоритет број еден

Реформите за унапредување и заштита на правата и благосостојбата на децата во државата и на процесот на деинституционализација се темите на кои се разговараше на денешната средба на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи со претставничката на УНИЦЕФ во нашата држава, Патриција Ди Џовани.

– Средбата беше можност да се информираат меѓусебно за започнатите процеси на соработка помеѓу Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ. Имено, помеѓу двете институции постои долгогодишна успешна соработка при што се реализирани многу проекти кои биле во интерес на децата, соопшти прес-службата на МТСП.

Мизрахи и Ди Џовани изразиле заинтересираност за продолжување за помагање на процесот на предучилишно образование на децата и центрите за ран детски развој. При тоа Ди Џовани ја истакна улогата и придонесот на УНИЦЕФ во земјата.

Министерката Мизрахи потврдила дека ќе се посвети на унапредувањето и заштитата на правата на децата и дека Министерството со коешто таа раководи ќе го стави најдобриот интерес на детето пред политиката, но и дека нејзината визија за детската заштита е да се работи посветено во оваа област затоа што децата само еднаш се деца и тоа е период во кој најмногу им е потребна поддршка и од семејството, но и од државата.