Свет
4. March 2016 - 8:31

Мит Ромни: Трамп нема расудување за да биде претседател на САД

Поранешниот републикански кандидат на претседателските избори во САД, во 2012 година, Мит Ромни остро го нападна водечкиот републикански претендент за номинација за годинешниве избори, Доналд Трамп, оквалификувајќи го њујоршкиот милијардер и сега политичар, дека е „обична измама“ за гласачите.

- Трамп нема ниту темпарамент, а ниту расудување за да биде претседател на САД, изјавил Ромни во еден говор пред републикански сипатизери во сојузната американака држава Јута, што го пренесуваат американските медиуми.

Ромни за Трамп смета дека „не е подготвен“ за Белата куќа и го обвинил за „заплашување на јавноста, за женомрзие, како и за нечесност“.

- Неговиот избор за кандидат на Републиканската партија за изборите, во ноември, ќе и овозможи на Хилари Клинтон да победи, рекол Мит Ромни.

Доналд Трамп кој води кампања низ сојузната држава Мејн, ги отфрли јавните дисквалификации на Ромни како пример за нелојалност.

- Пред четири години јас го поддржав Ромни, а видете колку сега тој е лојален кон мене, им рекол Трамп на своите симпатизери и подржувачи во Мејн.

Според Трамп, кампањата на Ромни за изборите во 2012 година била „најлошата“ во историјата која му овозможи на Барак Обама лесно да го победи.

Ромни е еден од десетината угледни републиканци кои се исплашија од можноста Трамп да победи во трката за претседателската номинација, откако тој уверливо ги совлада своите противкандидати на партиските гласања во „супер вторникот“ во седум сојузни држави на САД.

Трамп е остро критикуван за изјавите околу миграцијата и муслиманите и градењето ѕид на мексиканско-американската граница, па „Њујорк тајмс“ пишува дека некои од републиканските донатори се обидуваат да ги зголемат фондовите за анти-Трамп кампањата.

Си-Ен-Ен тврди дека станува збор за досега незамислива ситуација, републиканците да го напаѓаат и соборуваат канадидатот кој засега уверливо води во трката за партиската номинација.

Доналд Трамп минатата есен предупреди дека доколку не ја добие номинацијата за претседателски кандидат, би можел на избрите да се појави како независен кандидат.