Свет
13. December 2016 - 8:59

Мит Ромни нема да биде нов државен секретар на САД

Поранешниот гувернер и републикански претседателски кандидат на изборите во 2012 година, Мит Ромни соопшти дека нема да биде новиот државен секретар на САД.

На својата страница на Фејсбук, Ромни објави дека „имал чест да биде меѓу кандидатите“ за функцијата шеф на американската дипломатија.

Во соопштението Ромни ги опишува средбата и разговорите со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, околу неговото евентуално вклучување во новата администрација на САД, како „пријатни и објаснувачки“.

- Верувам дека новата админстрација ќе ја води нашата земја кон поголема цврстина, просперитет и мир, наведе Ромни во своето соопштение.

Извори од тимот за транзиција на Трамп за американските медиуми изјавија дека новоизбрнаиот претседател му се јавил на Ромни и лично го информирал дека тој „не е неговиот избор“ за шеф на Стејт департментот.

Претходно, од кандидатите за оваа функција самиот се повлече поранешен градоначалник на Њујорк, Руди Џулијани, откако беше изразен сомнеж како тој ќе се справува со своите бизнис обврски во странство и со функцијата државен секретар на САД.

Пред два дена, телевизиската компанија Ен-Би-Си објави дека претседателот на Извршниот одбор на нафтената компанија „Ексон- Мобил“ Рекс Тилерсон е најверојатниот избор на Трамп,за нов шеф на Стејт департментот.

Според овие извори, новоизбраниот претседател се сретнал со Тилерсон, по што рекол дека тој ќе ја води американската дипломатија.

Телевизијата Ен-Би-Си тврдеше дека Џон Болтон, поранешниот амбасадор на САД во ОН во време на администрацијата на Џорџ Буш, ќе биде назначен за потсекретар на Стејт департментот.