Македонија
26. October 2016 - 13:36

Мистериозно исчезнаа 40.000 долари од сеф во Комерцијална банка во Битола

На 21. овој месец во 17.15 часот во Битола, лицето Д.Ц. (35) пријавило дека во периодот од 26.05.2016 година до 21.10.2016 година од граѓански сеф во Комерцијална банка-филијала Битола непознат сторител извршил тешка кражба.

Сторителот на непознат начин и без оштетување го отворил сефот и одзел два бели коверти во кои имало по 20.000 канадски долари, односно вкупно 40.000 долари, сите во апоени од по 100 долари.

Пријавителот, кој бил полномошник по овластување на корисникот на сефот М.Т.(53), кој живеел во Канада, откако, по пропишаната процедура, му било дозволено да има пристап до сефот, забележал дека ги нема ковертите.

Пријавителот за тоа го информирал и директорот на банката.

Во консултација со Јавен обвинител увид бил извршен на 24.10.2016 година од страна на ОКТУПА од ПС Битола. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.