Живот
2. April 2020 - 16:37

"Мистеријата" за снегот кој не се топи со запалка објаснет преку проста физика!

Вчера буквално целата македонска јавност беше преплавена на социјалните мрежи со видеа и „експертски“ коментари на населението за тоа зошто снегот кој падна во текот на вчерашниот ден не се топи откако ќе биде запален со запалка.

Теоријата на заговор отиде дотаму што се споменуваше коронавирусот и 5G мрежата во нашата земја. Ова инаку не е нова појава и видеа кои не и се познати на јавноста, истите речиси секоја година се актуелни не само кај нас туку низ целиот свет. Одговорот за оваа „теорија на заговор“ за снегот кој не се топи следува во продолжение.

Зошто снегот не се топи?

За разбирање на научната позадина оваа теорија на заговор не е неопходно да се заврши хемиски, технолошки, или рударско-геолошки-нафтен факултет. Доволно е малку здрав разум и неколку информации од основно училиште.

Пред се’, треба да се воочи дека мокрите раце на протагонистите во овие видеа покажуваат дека нивниот снег кој наводно не се топи е веќе растопен. Можеби не баш онака како што тие или нивните наивни гледачи очекуваат, но сепак се топи.

Истовремено треба да се знае дека снегот не мора нужно да се претвора во вода на топлина. Дали можеби се сеќавате на изразот сублимација од часовите по хемија? Тоа е термин со кој се означува директниот премин на некои материи од цврста во гасовита состојба. Имено, молекулите на вода имаат наклоност да побегнат, односно да испарат, како од водата така и од мразот. Сублимацијата се случува дури и во фрижидер, во кој коцкичките мраз со време се намалуваат бидејќи мразот испарува дури и на температури под нулата. Ако ги оставите доволно долго, можат дури и да исчезнат, а ни во еден момент да не преминат во течна состојба.

Процесот на сублимација посебно се интензивира во екстремни ситуации кога мразот е директно изложен на оган. Конечно, чадот и маснотиите на снегот создаваат своевидна изолација и го забавуваат понатамошното растопување.

Зошто мразот од фрижидер се топи?

На некои од видео снимките авторите снегот го споредуваат со мраз од фрижидер покажувајќи како овој другиот, за разлика од првиот, се топи. Како е тоа можно?

Сега малку едноставна физика. Во снегот има повеќе воздух отколку вода. Ако кон него го насочите пламенот, тој полесно ќе испарува отколку густиот мраз. Делот кој нема да испари се претвора во вода, но снегот ќе ја впие па таа нема веднаш да истече како од површината на коцката мраз, туку ќе се измеша со снегот и ќе се претвори во мокар снег. Ова мешање ја засилува структурата на снегот – привлечните кохезиски и адхезиски сили на водата ќе ги натераат растопените капки да се рашират меѓу кристалите како што се шират низ ткаенина. Дел од таа вода може повторно да се претвори во мраз под влијание на снегот одоколу. Кога мразот се топи, водата нема каде да оди, исто како што нема каде да се впие на површината на импрегнирана ткаенина или стакло. Дел ќе испари, дел повторно ќе се замрзне додека се лизга низ мразот, а дел ќе се исцеди од коцката како вода.

Зошто снегот поприма темна боја и мириса на пластика?

Еден од клучните докази кои авторите ги претставуваат во прилог на тврдењата дека снегот е вештачки е неговиот изглед и мирис при изложувањето на оган. Зошто изгледа и смрди како изгорена пластика?

Треба да се знае дека повеќето запалки за цигари се полнети со бутан кој се добива од нафта. Ќе се сетите дека и пластиката се добива од нафта. Ако запалката ја држите под било каква површина, особено некоја постудена, на неа ќе се собере чад, а нејзиниот состав не е значително поразличен од чадот кој настанува со горење на пластика. Значи, логично е да се очекува дека црните изгорени делови од мразот ќе мирисаат и изгледаат како спалена пластика. Истото ќе се случи ако студена тегла се обидете да ја загреете со запалка.