Македонија
5. August 2021 - 20:14

Мистерија станува смртта на жената од Челопек

Каде е 60-годишната Стојанка која исчезна по вчершаниот пожар во кумановско Челопек? Целодневниот увид на полицијата во нејзината куќа која целосно изгоре не даде резултат. Тело не беше пронајдено по расчистувањето на урнатините, а ниту во непосредната околина.

Камен по камен, со механизација но и рачно, внимателно се пребаруваше секој метар. Исчезнатата жена не се најде, а тоа ги чудеше и увидните екипи.

Мистеријата ја зголемуваат и изјавите на мештаните, соседите и роднините. Едни велат дека тешко подвижната жена ја виделе надвор непосредно по пожарот кога и самите се спасувале. Неофицијално, од внатрешноста на куќата Стојанка комуницирала со својата сестра за опасноста од пожарот.

Дедо Борис, пак, нејзиниот животен сопатник пред чии очи се рушеше куќата во која живеел во вонбрачна заедница со Стојанка, вели дека огнот го начекал на спење и дека бил целосно беспомошен.

Стојанка беше надвор веднаш по избувнувањето на стихијата, тврди пак, нивната соседка.

Пожарникарите, пак, кои дејствувале на самото место имаат свои забелешки. Тие не биле воопшто информирани дека некој има во куќата која гори.

Иако се уште официјално не може да се потврди првата жртва од пожарите, попладнево на прес конференција директорот на ЦУК Стојанче Ангелов изрази сочувство за жената од Челопек.

Дека тело не е најдено потврди и градоначалничката на Старо Нагоричане која беше на местото на настанот.

Официјална информација од терен чекаат и од Министертвото за внатрешни работи. Нивните екипи ќе ја бараат Стојанка додека падне мрак, а доколку не ја најдат, таа од утре официјално ќе се води како исчезнато лице.