Свет
21. јуни 2017 - 11:40

Мишел: Брзата интервенција на војската спречи ново крвопролевање во Брисел

На Централната железничка станица во Брисел синоќа беше избегнат терористички напад  благодарение на примерната брза интервенција на војската, изјави денеска белгискиот премиер Шарл Мишел на прес-конференцијата по седницата на Националниот совет за безбедност.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Мишел при тоа ја пофали и професионалноста на вработените во метрото.

Според претседателот на Владата на Белгија, Телото за проценка на ситуацијата (ОЦАМ) заклучило да се задржи третото ниво на опасност од тероризам во целта држава, на скалата од четири степени.

Во исто време, белгискиот министер за внатрешни работи Јан Јамбон, потврди дека идентитетот на осомничениот, кој беше убиен од војниците бил „брзо откриен“, оставајќи го федералниот обвинител и неговата канцеларија да ги откријат деталите за ова прашање. Сепак, познато е дека се работи за 37-годишен маж од арапско потекло.

Бриселското метро и Централната железничка станица од утринава се повторно отворени за сообраќај, откако беа блокирани синоќа околу 20:45 часот кога маж што предизвика експлозија со слаб интензитет, беше застрелан и убиен на самото место од страна на војниците кои патролираат во тој дел уште од терористичките напади во Брисел на 22 март минатата година, кога беа убиени 35 лица, а над 300 беа ранети.

Очевидци што се нашле на станицата во време на инцидентот, за франкофонската телевизија РТБФ, изјавија дека како резултат на експлозијата се создала паника меѓу присутните. Станицата потоа беше евакуирана, а железничкиот, метро и автобускиот сообраќај беше стопиран се до четири часот изутринава.

Плоштадот пред главниот влез на Централната станица, како и самата станица, се уште се затворени за јавноста.

Според изјава на железничар, осомничениот зборувал за џихад и извикувал „Алах Акбар“ за време на експлозијата. Изворите споменуваат дека човекот носел појас на експлозиви или некој објект сличен на него. Тој бил облечен во бела кошула и црни панталони и бил на возраст меѓу 30 и 35 години.

Заканата од трето ниво на опасност останува непроменета по синоќешната експлозија на Централната станица во Брисел, потврди Координативното тело за анализа на заканите (OЦAM), кое заседаваше синоќа во вечерните часови. Оваа информација, ОЦАМ ја објави на социјалната мрежа „Твитер“.

Третото ниво е во сила од ноември 2015 година и означува дека „терористички напад е можен и веројатен“. Од таа причина, присуството на до заби вооружени војници и полицајци што ќе патролираат во Брисел, но и во другите големи белгиски градови, останува до неодредената одлука.