Македонија
29. March 2021 - 20:02

Мисајловски: Очекувам утре или задутре измени во законот за фингерпринт терминали да влезе во собраниска процедура

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски денес во гостувањето во Тема на денот во Дневникот на Сител посочи кон тоа дека очекува утре или задутре  измени во Законот за фингерпринт терминале да влезе во собраниска процедура и да се изгласа како решение.

„Добро е што денеска слушнавме дека има политичка волја од власта да се разговара и за методологијата и за сите оние технички работи, бидејќи навистина претходно дававме добри предлози и решенија. Зборувам кога го поднесоа овој закон со европско знаменце, ние дававме добри предлози и решенија, односно европски практики и норми. Ако навистина сакаат добар попис, а исто така и ВМРО-ДПМНЕ сака навистина реален попис, да биде статистика, а не само политички договор меѓу Зоран Заев и Али Ахмети, туку навистина секој да се чувствува комотен, појасни Мисајловски.

Мисајловски додаде дека користење на фингерпринт терминали е веќе договорено од минатата година, а оваа треба само да се имплементира. Но, власта имаше некои обиди да се не се имплементира и започне со користење на фингерпинт терминали.

„И еве конечно се договоривме за ова прашање и утре очекувам или задутре ова да влезе во собраниска процедура и да се изгласа како решение. А, се разбира има две работни групи каде што разговараат за сите оние технички работи околу законот и се разбира и ќе има договор за сите овие места каде што навистина негде не може или слично, но ќе се најде алтернатива за да се договори сето ова“, рече Мисајловски.

Мисајловски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ сака предвремени парламентарни избори час поскоро. Но потребно е да се биде рационален, приоритетна тема на денешниот состанок беше КОВИД пандемијата за да се спасат што повеќе човечки животи и да се одложи пописот.

„Се говори за една изборна единица, за отворени листи но исто така едно од барањата на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори, говорам за овие тековни локални избори да бидат во еден круг. Но исто така важно е што бараме и инсистираме дијаспората да може да гласа се разбира и да се брои нивниот глас“, рече Мисајловски.

Мисајловски додаде дека доколку хипотетички има една изборна единица, секако тие што ќе гласаат во дијаспората да влезе во гласовите. И од друга страна се бара не само во ДКП туку да се гласа секаде каде што има потреба, каде што има граѓани на Република Македонија на тие места да се има можност да се гласа.