Бизнис
21. March 2016 - 16:15

Мисајловски: Милијарда евра во патната инфраструктура во Македонија

По 40-на години се рехабилитира регионалниот пат Лажани-Ропотово-Црнилиште во должина од 17 километри, за што од државниот буџет се одвоени 1,8 милинони евра, изјави министерот за транспор  и врски Владо Мисајловски.
 
Тој денеска ја посета општина Долнени каде веќе 10-ина дена се изведуваат работи за рехабилитацијата на  регионалниот патен правец.
 
- Започнавме многу регионални и магистрални патишта и овој е еден од оние кои ги ветивме во нашата програма. Интензивно се работи на рехабилитација на овој регионален пат Лажани -Ропотово, - Црнилиште и се очекува до крајот на летото да завршат работите. Драго ми е што жителите се задоволни. Освен со овој, започнавме и со регионалниот пат Кривогаштани-Обршани и Воѓани. Градиме и три автопати, ги завршивме сите локални патишта, но во овој период ќе бидеме фокусирани на експресните патишта и новите автопати, а од друга страна ќе гледаме да им помогнеме и на малите општини со други проекти, изјави Мисајловски.
 
Освен во патната инфраструктура, додаде, очекувам дека набрзо ќе го потпишеме договорот и за фекалната канализација во селото Ропотово. Тоа е инвестиција од преку 420 000 евра. Ова значи дека само во општината Долени годинава како влада ќе одвоиме 2,2 милиона евра за патната и другата инфраструктура.
 
Годинава, како што рече Мисајловски, Министерството за транспорт и врски стартува со пет експресни патишта во земјава. Ќе има нови 164 километри во кои ќе се вложат 330 милиони евра. 
 
- За патот Прилеп-Градско веќе се потпишани договорите. Неделава треба да се видам со изведувачот, фирмата од Шпанија и за два месеца очекувам дека ќе почнеме со работа. Распишан е тендерот за експресниот пат Штип-Радовиш, потоа за патот Штип-Кочани и за Ранковце-Крива Паланка, а до крајот на годинава ќе го распишеме тендерот и за експресниот пат Охрид-Пештани. Тоа значи дека ќе добиеме преку 164 километри експресни патишта или ќе се вложат преку 330 милиони евра. Начелно, со автопатите што ги градиме и со експресните патишта ќе имаме вложувања од една милијарда евра во патната инфраструктура во земјава, рече Мисајловски.
 
Дополнително, потенцира, вложуваме и во железницата и во водоводи и канализациски системи со што Министерството за транспорт и врски ќе биде носител на проектите во Македонија. 
 
Според директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Александар Стојанов, покрај изградбата на нова патна инфраструктура во земјава  претпријатието ќе се фокусира на обнова на постојните. Ќе се вложат дополнителни 5 милиони евра.
 
- Овој регионален пат во општина Долнени е дел од изградбата и рехабилитацијата на патиштата. За таа цел веќе се потпишани договори за 10 регионални патишта, а годинава ќе бидат обезбедени дополнителни 5 милиони евра кои ќе се вложат за рехабилитација на најлошите патни секции што ги имаме во Македонија. Тоа се делници од магистрални и регионални патишта и секоја година ќе се издвојуваат се повеќе средства за тоа. Се размислува за рехабилитација на 35 километри пат кој ќе ги поврзе општините Долнени и Чашка. Но прво ќе се концентрираме на рехабилитацијата на патот Чашка-Богомила, појасни Стојанов.
 
За градоначалникот на општината Долнени Боше Милошески, рехабилитацијата на регионалниот пат Ропотово-Пешталево-Црнилиште е од особена важност за животот на населението од овие места. - По 42 години се рехабилитира една од најголемните патни магистрали во овој дел од општината Долнени. Бенефит ќе видат повеќе од 15 населени места, вели Милошески.
 
Мисајловски имаше средба со жителите на селата Вранче и Белополе кои укажаа дека им е потребен пат и оти во спротивно населението ќе си заминува од овие села. Мисајловски најави дека уште утре ќе се префрлат еден и пол милион денари од ЈП за државни патишта за санирање на дупките  на патот до селото Вранче, во должина од 6 километри.