Бизнис
3. јуни 2016 - 13:26

Мисајловски: До крајот на годинава ќе биде изграден половина од автопатот Охрид - Кичево

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски денеска беше во работна посета на Дебрца, каде се запозна со текот на градежните активности околу автопатот Охрид – Кичево, инвестиција вредна 374 милиони евра.

Притоа Мисајловски нагласи дека досега се пробиени 80 проценти од трасата, а во моментот се работи на пробивање на автопатскиот тунел кај Пресека, долг околу два километри и најдолг во државата.

- Интензивно се работи на неколку локации истовремено, со цел да се испочитуваат одредбите од договорот за изградба. Очекувам дека до крајот на оваа година ќе бидат завршени половина од градежните работи, изјави министерот.

Тој потсети дека договорот за изградба на делницата е до 2018 година, како и оти секогаш постојат работи што не можат да се предвидат, но изрази уверување дека со сегашната динамика на работа автопатот ќе биде завршен во предвидениот рок.

Инаку, тој додаде дека истовремено се работи и на изградбата на автопатот Миладиновци – Штип, како и на делницата Демир Капија – Смоквица, а се реконструираат и автопатските делници Куманово – Миладиновци и Смоквица – Гевгелија, инвестиција во вкупна вредност од повеќе од 800 милиони евра.

Директорот на ЈП за за државни патишта Александар Стојановски истакна дека на делницата Охрид – Кичево моментално работат преку 1.200 работници и над 550 градежни машини, што е најголема концентрација на работна сила во изградбата на капиталните проекти.

- Градежните работи на автопатот се одвиваат според предвидената динамика. За време на претстојните летни одмори долж трасата ќе биде поставена дополнителна патна сигнализација за да се зголеми безбедноста во сообраќајот, нагласи Стојановски.