Свет
7. April 2020 - 12:43

Мис Англија Баша повторно работи како докторка додека трае пандемијата на коронавирусот

Баша Мукерџи која во 2019 година ја доби титулата “Мис Англија”, се вратила во Обединетото Кралство за да ја продолжи кариерата како докторка за време на пандемијата на коронавирусот.

Кон почетокот на март, таа заминала за Индија во име на развојното и социјално здружение во кое ја има улогата на амбасадор. Тие посетиле бројни училишта во кои донирале прибор и пари за дом на напуштените девојчиња.  

Но, со влошувањето на ситуацијата со коронавирусот во Велика Британија, Мукерџи добивала пораки од поранешните колеги од болницата во источна Англија, во кои ѝ пишувале за тешката ситуација во која се наоѓаат. Потоа, Баша го контактирала менаџментот на болницата за да им даде до знаење дека сака да се врати на работа.

24-годишната Мукерџи рекла дека е погрешно да се носи круната на Мис Англија, дури и за хуманитарна работа додека луѓето ширум светот умираат од коронавирусот.

“Кога ја извршувате сета оваа хуманитарна работа во странство, сè уште се очекува да ја ставите круната, да се припремите и да изгледате убаво. Сакав да дојдам и да заминам веднаш на работа”, изјавила Мис Англија.