Балкан
9. July 2018 - 8:50

Мирни протести во Солун и на Крит против Договорот од Преспа

 Мирни протести против Договорот од Преспа и против владата, синоќа се одржаа во Солун и во градовите Хања и Ираклио на грчкиот остров Крит.

Над 500 лица, според локалните медиуми, протестираа вчера во центарот на Солун против Договорот од Преспа.  Со транспарент и порака „Ципрас, предавнику, дај си оставка“, со слогани против владата и дека Македонија е грчка и со грчки знамиња, Грците во Солун се собраа пред споменикот на Александар Велики продолжија со марш по улиците, а поминаа и пред канцелариите на СИРИЗА и Независни Грци.

Слично како и во Солун, под силни безбедносни мерки и со речиси идентични пораки до владата во однос на Договорот од Преспа, вчера се протестираше и на грчкиот остров Крит. Демонстрантите извикуваа „Македонија е грчка“ и со огромно грчко знаме маршираа по улиците на градот Хања.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, преку социјалните мрежи за денес е закажан нов протест во Солун, но и во Вергина.