Ракомет
12. December 2016 - 13:55

Миркуловски се враќа во репрезентацијата, Ристовски и Јоновски без СП во Франција

Селекторот на македонската ракометна репрезентација,  Лино Червар, изјави дека е фокусиран кон создавање тим кој ќе има потенцијал да обезбеди пласман на Олимпијадата во Токио 2020 година. Хрватскиот стратег денеска го соопшти поширокиот список на повикани играчи за престојниот Мундијал во Франција. На списокот ги нема голманот Борко Ристовски и Ацо Јоноски, а изненадување е враќањето во националниот тим на Филип Миркуловски. Враќањето на Миркуловски се должи пред се откако се повреди Филип Кузмановски, кој ќе мора да паузира и со тоа да го „прескокне“ СП:
 
- Во насока на остварување на нашата цел, а тоа е пласман на Олимписките игри во Токио 2020 година, ја подмладуваме репрезентацијата и за тоа бараме поддршка од сите клубови. Неповиканите беа дел од националниот тим изминатата деценија, дадоа многу за македонскиот ракомет, но сметам дека се емоционално истрошени, а и промената на системот со кој планирам да играме во иднина е причината за промените во тимот, изјави Червар на денешната прес-конференција.
 
Тој додаде дека за време на Божик ќе биде со репрезентативците наместо со семејството и побара од играчите да ја следат неговата пожртвуваност и со напорна работа добро да се подготват за следните предизвици. 
 
Македонија подготовките за Светското првенство ќе ги одработи во две фази. Првата е од 20 до 30 декември во Маврово, потоа следуваат два слободни дена за новогодишните празници, а од 2 јануари 2017 репрезентацијата ќе се собере во Скопје. Во план се три контролни натпревари со Босна и Херцеговина по што ракометарите ќе заминат во Франција. 
Од трите дуели само еден ќе биде за јавност (3.јануари), а другите два ќе бидат затворени. Репрезентацијата во Маврово ќе има еден вид „камп“ бидејќи на подготовките ќе бидат присутни и јуниорските репрезентативци, кои на почетокот на јануари 2017 година во Скопје ќе играат натпревари од квалификацоона група заедно со селекциите на Португалија, Полска и Турција.
Червар на подготовките ќе почне да работи со 22 играчи, ќе доцнат само ракометарите од Бундес лигата (Манасков и Миркуловски), а списокот од 18 играчи кои ќе настапат во Мец ќе биде одреден на 8.јануари.
Репрезентацијата на Македонија за Франција ќе патува на 10.јануари, а првиот дуел го игра на 12.јануари против Тунис.