Македонија
29. March 2018 - 17:17

МИОА се согласува со насоките од Мемети за промени во јавната администрација

- Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) се согласува со насоките на Народниот правобранител Иџет Мемети дека се потребни конкретни промени во јавната администрација и порачува дека со системски пристап ќе се обезбедат квалитетни и суштински реформи.

- Усвоената Стратегија за реформа на јавната администрација (2018-2022), предвидува јасно дефинирани мерки и активности за целосна деполитизација, професионализација и дигитализација на јавната администрација. На овој начин ќе обезбедиме јавна администрација која е во служба на граѓаните, администрација која брзо, едноставно и евтино ќе одговори на потребите на сите граѓани, наведува МИОА во одговор на денешната прес-конференција на Мемети.

Од МИОА додаваат дека јавната администрација изминатиот период беше користена како алатка за остварување на политичката агенда на претходната власт. За промена на реалната состојба во тој дел, но и на прецепцијата на граѓаните потребни се долгорочни промени.

Министерстовото за информатичко општество и администрација најавува дека во втората половина на годинава, ќе отвори широка јавна расправа за измени во Законот за административни службеници. Како што предвидуваме и во Стратегијата за реформа на јавната администрација, овие промени за кои ќе се согласни сите засегнати страни ќе се случат во текот на 2019-та година.

- Само на овој начин со системски пристап, со вклучување на сите засегнати страни и политичка волја ќе обезбедат квалитетни и суштински реформи во јавната администрација, истакнува МИОА.

Народниот правобранител Мемети денеска на прес-конференција рече дека минатата година при работата врз претставки на граѓаните констатирал се поприсутна селективна правда, партизирана и непрофесионална администрација на централно, а особено на локално ниво, што претставува сериозна пречка во остварување на правата на граѓаните.