Македонија
27. May 2019 - 16:09

Министрите ќе ја чекаат одлуката на премиерот

Операцијата Метла нема да има ефект доколку не продолжи во извршната власт, согласни се политичките претставници. По прифатените оставки на раководството во СДСМ, партиските министри се со идентичен одговор, оставаат одлуката за кабинетот на Илинденска да ја донесе Заев.

Министрите пак од колаициските партии, чекаат на лидерски договор.

Пратениците на СДСМ кои повеќе не се дел од партиското раковство се обраќаа преку Фејсбук. Досегашната потпретседателка и пратеничка на СДСМ Фросина Ташева Ременски напиша:

„Мојата битка за слобода, правда, одговорност и еднаквост не започна со политичките или партиските функции, ниту пак ќе заврши без нив! Донесените одлуки се донесени, без грам суета, туку одлучно како што личи на луѓе со интегритет и визија за очекувањата!“

Слично коментира и доскорешниот генерален секретар и пратеник Александар Кирацовски:

 “Независно кој на која позиција и во која улога ќе биде, продолжуваме заедно кон мисијата да обезбедиме подобар живот за сите граѓани! Пораката од граѓаните беше веднаш прифатена уште при нејзина испорака и беше сосема доволна, целото раководство да ја понуди својата оставка, за да, согласно досегашното искуство, нештата ги промениме на подобро“

Од ДУИ велат дека  функцинерско метење кај коалициски партнер е внатрепартиска работа. За министерски смени и ротации во владиниот кабинет ќе се чека средбата Заев Ахмети.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ Заев спровел внатрепартиска чистка само за да си ја осигура партиската позиција тргајки ги своите конкуренти.

Зоран Заев наоѓа вина во сите, само не во него. Дополнително разрешувањето од партиските функции не ги решава проблемите на граѓаните. Граѓаните се незадоволни од министерот Спасовски, а не од потпретседателот Спасовски, Скопјани се незадоволни од градоначалникот Шилегов, а не од потпретседателот Шилегов. Оливер Спасовски, Дамјан Манчевски, Петре Шилегов и Благој Бочварски се неспособни и до сега во раководењето на институциите покажаа никаков резултат. Токму затоа оставки мора да следат и од државните функции. Нивната неспособност не смее да се покрие само со партиски разрешувања.

СДСМ синоќа разреши целото партиско раковство, почнувајки од генералниот секретар Александар Кирацовски на чие место доаѓа Љупчо Николовски кој повеќе нема да биде министер за земјоделие, потоа целиот Извршен одбор и сите шестмина потпретседатели. Претходно беа разрешени и претседателите на локалните организации. На функција единствено останаа: Заев и заменичката Радмила Шеќеринска.