Македонија
11. September 2021 - 16:44

Министерството за здравство уверува - пациентите во модуларните болници се безбедни

Министерството за здравство не кажува дали и колку пациенти со Ковид-19 одбиле сместување во модуларните болници низ државата по несреќата во Тетово. Од таму информираат дека во моментот во 12-те монтажни објекти во исто толку градови вклучително и модуларната до Инфективна сместени се 298 пациенти поради компликации од вирусот. Од министерството велат да не се прејудицираат причините за пожарот пред истражните органи официјално да ја соопштат причината и уверуваат дека монтажните објекти се безбедни.

-Министерството за здравство воедно замолува да не се доведува во прашање безбедноста на пациентите хоспитализирани во модуларните болници, како и на здравствените работници кои работат таму. Потсетуваме дека во овој момент се наоѓаме сред четврт пандемиски бран со висок број на граѓани кои се позитивни или се во фаза на лекување, стои во одговорот од МЗ.

Откако Тетово остана без модуларниот објект, од болницата велат дека засега имаат доволно слободни кревети за нови хоспитализации. Иако бројот на приеми и пред пожарот бил намален,  последното деноноќие имале 80-тина амбулантски прегледи.

Инаку на болничко лекување во моментот во Ковид центрите во државата има над 1100 пациенти. Поголемиот број се на кислородна поддршка.