Македонија
10. January 2021 - 16:38

Министерството за здравство подготвува оперативен план за спроведување на вакцинацијата

Здравствените власти во текот на следната недела ќе го презентираат оперативниот план за вакцинација против Ковид-19. Од министерството информираат дека заедно со Комитетот за имунизација деновиве го финализираат планот следејќи ги искуствата од западните земји. Засега е познато дека граѓаните вакцината ќе ја примаат во постоечките пунктови во здравствените домови и болници низ државата, а за спроведување на процесот ќе има и посебен тренинг за здравствениот кадар за аплицирање на самата вакцина, потребната доза и растворањето.

- Вакцинација ќе се закажува преку системот „Мој термин“. Ќе се воспостави посебен модул на Ковид-19 вакцина, идентичен како оној кој сега се користи за други вакцини. Секој здравствен дом ќе изготвува записник од извршено примопредавање на вакцината, а преку системот „Мој термин“ ќе се следи процесот на вакцинација. На вакциналните пунктови ќе биде стандардна постапка за давање вакцина, велат од МЗ.

И додаваат дека како приоритет ќе се вакцинираат сите здравствени работници кои работат во Ковид центрите или директно се изложени на ризик од инфекција, граѓаните над 65 години, хроничните со белодробни и кардиоваскуларни заболувања како и вработените во критичната инфраструктура и транспорт. 

Засега има само најава дека првите дози вакцини во Македонија ќе стигнат крајот на јануари или почетокот на февруари, по што ќе се знае кога точно ќе почне процесот на имунизација. Државата планира да набави вакцини за 1.200.000 граѓани. 

За разлика од кај нас соседна Србија пред повеќе од 2 недели почна со вакцинација. Досега таму се вакцинирани 9.300 лица. Пред неколку дена нивниот Институт за јавно здравје објави прецизен оперативен план за имунизација против Ковид на 30-тина страници. Точно се знае кој во која фаза ќе биде вакциниран и колку дози се потребни за здравствените работници и останатите приоритетни групи.

-Во Република Србија сите луѓе кои сакаат да се вакцинираат ќе имаме вакцини за нив, ние во овој момент имаме договори со различни производители за 8 милиони дози, разговорите продолжуваат понатаму, но во овој момент имаме вакцини за 4 милиони луѓе, што мислам дека е доволно, изјави Ана Брнабиќ, Премиер на Р. Србија.

Според оперативниот план за имунизација во Србија, не само бројката точно се знае и кој каде треба да се вакцинира.