Македонија
1. July 2016 - 16:25

Министерството за здравство ќе кофинансира специјализација за 47 гинеколози

Министерството за здравство ќе ја кофинансира специјализацијата на 47 матични гинеколози. Огласот ќе биде објавен утре . Лекарите ќе плаќаат само 10 проценти од вкупната сума за специјализацијата . По завршувањето ќе имаат загарантиран договор со Фондот. Дополнителна стимулација од 15.000 денари месечно ќе добиваат идните гинеколози кои ќе работат во општини каде нема ваков кадар. Според надлежните со оваа мерка значително ќе се зајакне оваа специјалност во државата и ќе придонесе намалување на доеничката смртност.

- Со помош на податоците од МојТермин изготвивме детална анализа на потребата од матични гинеколози согласно бројот на жени во општините. Според овие податоци, 163.676 жени над 14 години немаат избрано матичен гинеколог. Ова е сериозен проблем во здравствениот систем. Со овој оглас се трудиме да обезбедиме не само поголем број гинеколози туку и подобра распределност на територијата на Македонија. Затоа ги распишуваме огласите по градови или по општини, изјави Никола Тодоров, министер за здравство

Новиот оглас се однесува и за 4 кофинансирани специјализации за медицинска нуклеарна физика. Инаку со овој проект се опфатени околу 200 специјалисти од различни специјалности.