Македонија
26. March 2016 - 16:23

Министерството за здравство бара рурални доктори за покривање на 20.000 жители

Министерството за здравство преку оглас бара 20 матични лекари за рурални амбуланти. Ранковце, Фурка, Богомила, Иванковци, Страцин се само дел од населените места каде треба да бидат отворени ординации. Оние кои ќе изразат интерес месечно од Фондот ќе добиваат од 60 до 90 000 денари во зависност од бројот на пациенти.Повеќе пари ќе добиваат од 1 јули за кога здравствените власти најавија зголемување на капитациониот бод за матичните.

- Дополнително, како што знаете, со најновите измени на Законот за здравствена заштита се даде можност докторот во новоотворената ординација самостојно да укажува здравствена заштита без учество на медицинска сестра во тимот, но не подолго од 24 месеци од основањето на ординацијата, сè додека докторот на медицина не го изберат како избран лекар 700 пациенти, по што докторот има обврска да го комплетира тимот. Ова е уште една дополнителна стимулација во прилог на докторите кои ќе се пријават на огласот, изјави Никола Тодоров министер за здравство.

Здравствените власти одлучија да го субвенционираат и патот на руралните лекари. Ќе им бидат покриени патните трошоци на сите оние кои патуваат повеќе од 25 километри за да обезбедат здравствени услуги за пациентите.

-Еден од примарните фокуси на Министерството за здравство е обезбедување што е можно подостапни здравствени услуги за граѓаните, поблиску до нивното место на живеење. Континуираното зголемување на достапноста на здравствените услуги значи и побрзо добивање на здравствената услуга, како и заштеда на финансиски средства и заштеда на време кои претходно им биле потребни за патување до соседниот град за конкретната здравствена услуга, вели Тодоров.

Проектот за рурални амбуланти министерството за здравство го реализира заедно со Фондот за здравствено осигурување.