Македонија
24. August 2018 - 16:16

Министерството за правда со ново барање за екстрадиција на Демири и Исмаиловиќ

На кобниот ден пред повеќе од 6 години, во непосредна близина на Смилковското езеро видов 4 тела, рече загрозениот сведок во продолжението на рочиштето за случајот Монструм на “СЈО”. Одговарајќи на прашањата на одбраната на обвинетите, посочи и дека на местото на настанот бил четири дена едноподруго пред да се случи петкратното убиство, и секој ден околу 6 часот наутро го забележувал “Голфот” со затемнети прозори во близина на езерото.

Обидувајќи се да проверат дали сведокот кој што беше сместен во друга просторија, и кој што е со мутиран глас и заматена слика е истиот од претходното рочиште, адвокатите Рауфи и Алилспахиќ го прашаа дали се сеќава што биле облечени на претходното судење, на што тој точно одговори.

Загрозениот сведок беше распаршуван и за времето кога бил во близина на езерото и од кое растојание ги набљудувал обвинетите, на што реагираа обвинителите дека со одговарање на ваквите прашања може да се открие неговиот идентитет.

И со денешното сведочење на загрозениот сведок се потврдува дека тој ја зборува само вистината, рече адвокатката на семејствата на жртвите.

Одбраната пак повторно беше со ставот дека се работи за инструиран сведок, кој не ја зборува вистината.

На почетокот на судењето судијата Ставрев информираше дека утрово добил писмо од Министерството за правда, дека постапката за екстрадиција на обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се наоѓаат во Косово е во тек.

Следното рочиште е закажано за 31 август, со испитување на загрозениот сведок од страна на судот. Судијата Ставрев даде предлог на следното рочиште да се договори и термин кога сите страни вклучени во овој процес, да одат и да го видат возилото со кое избегале убијците.