Македонија
18. August 2018 - 17:01

Министерството за одбрана со 1 милион евра ќе ја финансира пропагандата за референдумот

Со милион евра пари на граѓаните министерството за одбрана ќе учествува во јавната пропаганда за референдумот за името. Вицепремиерката денеска најави дека од буџетот на оваа институција за кампањските активности на располагање ќе стави сума која е идентична со онаа која нејзината партија ја потроши на парламентарните избори во 2016 кога ја презема и власта.

За споредба, Коалицијата на СДСМ за целата кампања за предвремените праламентарни избори во 2016та, кога и дојде на власт, според официјалните финансиски извештаи објавени на веб страната на ДИК, потрошила сума од 65 милиони денари, а на последните локални избори 3 пати помалку или нешто под 20 милиони денари.

Доколку останатите 14 министерства го следат примерот на Шеќеринска и издвојат вакви суми народни пари извесно е дека кампањата за референдумот ќе постави нов македонски рекорд во потрошени средства кој веројатно никогаш нема да биде надминат.

Колку ќе потрошат останатите министерства од Владата се уште не откриваат

„Планирањето на кампањата е во тек, се собираат информации и се дефинираат детали за концептот.

Владата на Република Македонија во текот на следната недела пред јавноста ќе ги презентира сите нови  информации во врска со кампањата за референдумот.“ – велат од кабинетот на Заев за Сител.

Владината седница на која се очекува официјален став за трошоците за рекламите за референдумот е закажана за во среда.

Александар Спасовски – Сител Телевизија