Македонија
29. December 2015 - 13:30

Министерството за култура со 98 отсто реализација на Годишната програма

Во 2015 година се завршени над 2.000 проекти од областа на културата и се реализирани 98 проценти од Годишната програма на Министерството за култура, соопшти денеска на завршна прес-конференција министерката Елизабета Канческа-Милевска.

Соопшти дека во 2016 Министерството за култура ќе располага со буџет од  3,8 милјарди денари, кој е поголем за 5,22 проценти од годинашниот. Програмските средства за 2016 година изнесуваат 864.999.000 денари.

- Продолжуваме посветено да работиме на унапредувањето и промоцијата на културата и културните вредности на Република Македонија. Како досега, така и во иднина, продолжуваме со нашите заложби за вреднување на уметничкиот влог на македонските уметници и обезбедување поддршка за нивното творечко и професионално делување, истакна Канческа-Милевска на отчетот за реализираните проекти во 2015, кој го презентираше пред директори на голем број национални установи. 

Информираше за капиталните проекти од културата кои се во програмата на Владата за 2016 - изградба на нови објекти за два театра - за Драмскиот театар до март ќе биде распишан тендер за избор на изведувач, а за театарот Комедија на почетокот на 2016 година ќе биде објавен повикот за јавно-приватно партнерство. Во првата половина на 2016 година ќе се распише јавна набавка за избор на изведувач за изградба на Конгресниот центар во Скопје, на местото на Универзалната сала. 

Набројувајќи ги најзначајните проекти, таа нагласи дека исклучителни резултати има од стимулативните мерки кои почнаа да се применуваат од 2014, согласно со Националната стратегија. За две години (2014 и 2015) се инвестирани 96.400.000 денари за стимулирање во сите дејности: откупи на уметнички дела, композиции од класична музика, драмски текстови, субвенции на странски издавачи кои ќе објават македонски дела. - Овие резултати покажуваат дека Министерството за култура го избра вистинскиот модел за стимулирање на уметниците, рече Канческа-Милевска.

За унапредување на статусот на творците и за доекипирање на институциите со уметнички и административен кадар, во 2015 година се реализирани и 470 нови вработувања во 57 национални и локални установи. 

Поддршка на фестивали, манифестации, проекти од музичко-сценската, издавачката, музејската, ликовната дејност, проекти од културното наследство, креативни индустрии, интензивна меѓународна соработка и претставување на македонската култура низ светот, соработка со УНЕСКО и впишување на Гласоечко на листата на светско културно наследство... Во филмската дејност се завршени 23 остварувања, од кои четири играни филмови, учество на 136 фестивали и освоени 25 награди.  

Во областа на археологијата, се истражувало на 60 локалитети. Наскоро ќе биде објавен тендер за обнова на гледалиштето на римскиот театар во Скупи, кој ќе може да прими 9.000 посетители, а главниот град ќе добие голем отворен театар. 

Во отчетот министерката подвлече и дека 80 проценти од капиталните проекти од програмата на Владата на РМ се комплетно завршени, а останатите се во напредна фаза на реализација: изградбата на концертната сала за Македонската филхармонија, возобновувањето на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник, изградбата на Турскиот и на Албанскиот театар... Во 2015 година се почнати и нови изградби: на Струмичкиот театар, Културно-образовен центар во Тетово со театар и библиотека.... 

Во однос на изградбата на објекти, Канческа-Милевска соопшти дека има голем бенефит за туристичка промоција на државата од новоизградените установи (Археолошки музеј, Музеј на револуционерна борба, Музеј на вода во Охрид,...) зашто досега имале над 250.000 посетители.