Македонија
8. February 2019 - 16:31

Министерството за култура нема пари за Скопскиот џез фестивал, најмногу средства доделени за здружение од Тетово

Бурни реакции меѓу уметниците предизвика распределбата на пари за проекти финансирани од министерството за култура. Тврдат дека значајни музички манифестации не добиле финансиска поддршка на сметка на анонимни лица и фирми.. Се заканија дека дел од замисление проекти за годинава ќе ги реализираат надвор од државата.

Според објавениот конкурс за поддршка на музичката сценска дејност, тетовското здружение Артал за фестивалот Меридианс добива 56 илјади евра. Скопскиот џез фестивал пак годинава не влегол во листата на проекти за финансирање од култура па бараат преиспитување на одлуката.

Освен културните работници, на одлуките од култура реагираат и дел од членовите кои учествувале во комисиите. Оливер Митковски смета дека Министерството има потценувачки однос кон институциите од културата. Освен малиот буџет за проекти, веројатно ќе се соочат и со проблем за одржување на хигиената во објектите, пишува Митковски во писмо упатено до ресорното министерство.

„Постои флагрантно отсуство на слух за потребите на институциите и игнорантски однос кон институциите кои квалитетно ја вршеле својата работа и одговорно ги трошеле доделените средства во изминатата година“.

Конкурсот за проекти од областа на културата, ресорното министерство го објави на својата интернет страница рано утринава. Во него недостасуваат резултати од неколку конкруси – за визуелни уметности, архитектура, дизјан. Министерството за култура ја изоставило и програмата за капитални инвестиции.