Балкан
20. November 2019 - 21:08

Министерството за цивилна заштита на Грција побара за 15 дена да се испразнат нелегално окупираните објекти

Се повикуваат сите оние кои нелегално окупирале објекти, јавни или приватни, да ги испразнат, пишува на почетокот од соопштението – повик од Министерството за цивилна заштита на Грција во врска со објектите што се по опсада, давајќи им временски рок од 15 дена.

-Се повикуваат сите оние кои нелегално окупирале објекти, јавни или приватни, да ги испразнат. Ако во нив се сместени баратели на азил или државјани на трети земји, да се информираат дека ќе бидат пренесени и сместени во центри во земјата. За нивното префрлање, со нив ќе контактираат надлежните служби од Министерството за цивилна заштита. Ако зградите се приватни, за да останат ќе треба да стапат во контакт со сопствениците и да се договорат за закупни услови. Крајниот рок за напуштање е 15 дена по објавувањето на ова соопштение во медиумите, пишува во повикот од грчкото министерство.

Од крајот на август годинава, грчката полиција спроведе низа акции за празнење на објекти под опсада и досега интервенираше во 12 згради во кои беа пронајдени над 500 лица, поголемиот број од нив бегалци и мигранти.