Бизнис
24. September 2015 - 17:35

Министерство за транспорт: Обид за политизирање на штрајкот во МЖ Транспорт

Министерството за транспорт и врски смета дека постои обид за политизирање на штрајкот во МЖ „Транспорт“ и истакнува дека во соработка со компанијата  во континуитет ја решава состојбата со планот за исплата на платите.

Планот, според соопштението од Министерството, е економски оправдан и рационален и прифатен од сите сидикати кои учествувале во преговорите.

Врз основа на постигнатиот  договорот меѓу министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, директорот на МЖ Транспорт АД, Никола Костов и синдикатите кои се вклучија во преговорите,  по исплатените во целост плати за јуни и за јули  во износ од по 43 милиони денари денеска е исплатена половина плата за  август во износ од 22 милиони денари, соопшти попладнево Министерството за транспорт и врски.

Исплатен е и надомест за изминат километар во износ од 5 милиони денари, награда за професионална извршена работа на 36 вработени во вкупен износ од 510 илјади денари. Притоа решен е проблемот и со здравственото осигурување, а идната недела вработените ќе ја земат и другата половина од платата за август која е договорена според планот за исплата, а е барање на сидникатите што преговараа. Мораме да истакнеме дека платите што доцнеа се исплатени и пред договорените рокови, односно во еден месец исплатени се над 114 милиони денари, се вели во соопштението.

Сметаме, истакнуваат од Министерството, дека постои обид за политизирање на штрајкот од одредени структури, што, како што наведуваат во соопштението, е неодговорен однос кон сите вработени во Железницата.  

- Мора да истакнеме дека синдикатот кој штрајкува незаконски уште од самиот почеток, нанесува огромни штети во Железницата. Мораме уште еднаш да истакнеме дека најголема заслуга во надминување на состојбата во Железница имаат вработените кои со својот професионален однос не подлегнаа на заканите и притисоците на синдикат кој моментално штрајкува, соопшти Министерството за транспорт и врски.