Балкан
20. April 2019 - 13:21

Министерство за економија на Грција дава објаснување за цените на месото на глобално и домашно ниво

Не може да се извлечат сигурни заклучоци за тоа дали трендот на пораст на меѓународните цени на свинско месо е пренесен на потрошувачките цени, но малопродажните цени не покажуваат висок степен на корелација, соопштуваат од Министерството за економија и развој на Грција, во однос на последните информации за зголемувањето на цената на месото, а со тоа и поскапување на гирото, јави дописничката на МИА од Атина.

Од министерството додаваат дека „меѓународните трендови се чини дека не влијаат на пазарот на свинско месо“ и ги пренесуваат податоците од Генералниот секретаријат за трговија и заштита на потрошувачите, според кои, цените на увезеното свинско месо се прилично стабилни. Во периодот од јануари 2018 година до април 2019, просечната цена е 4,40 евра за килограм свинско месо. Најниска била цената во ноември минатата година -4,29 евра / кг, а највисока во мај 2018 -4,48 евро / кг.

-Во изминатиот месец се забележува мало зголемување на малопродажните цени на свинско месо од 1-2 отсто, регистрирано од индексот за свинско месо на Општиот индекс на потрошувачки цени, податоци кои месечно ги објавува Грчката статистичка служба. Не може да се извлечат сигурни заклучоци за тоа дали трендот на пораст на меѓународните цени на свинско месо е пренесен на потрошувачките цени, но малопродажните цени не покажуваат висок степен на корелација. На големопродажно ниво во последните три дена е забележан просечен пораст од шест отсто, што одговара на 0,15 евра или 0,19 евра ако се пресмета и ДДВ-то. Во следните денови ќе се покаже кога и колку, ќе се зголемат цените за потрошувачот, соопштуваат од министерството.

Објаснуваат дека на глобално ниво се значително зголемени цените на свинското месо, поради вирус во свинската индустрија во Кина и додаваат дека и во Европа постои став од ширење на конкретниот вирус, кој лани се појавил во Белгија.

Одговорот и објаснувањата од Министерството за економија и развој на Грција доаѓаат откако во Грција, како што во четвртокот објави МИА, имаше најави дека од први мај, од 10 до 15 отсто, ќе се зголеми цената на гирото во Грција.

Веста за зголемувањето на цената ја објави грчката телевизија „Скај“, со изјави излезе претседателот на Комората на трговци од Атина, кој повика на дијалог за цените да останат исти, а дописничката на МИА од Атина поразговара со сопственици на таверни кои служат гиро, кои ја потврдија информацијата.