Балкан
20. April 2016 - 14:45

Министерски состанок во Солун за прекугранична соработка во контекст на миграциската криза

На иницијатива на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас, утре и задутре во Солун ќе се одржи средба на министрите за надворешни и вантрешни работи на Грција, Албанија, Бугарија и Република Македонија посветена на прекуграничната соработка.

Грчкото МНР денеска соопшти дека на состанокот, како претставник на грчкото МВР ќе присуствува заменик-министерот за цивилна заштита Никос Тоскас.

На средбата ќе учествуваат и претставници на Европската комисија и на Министерството за надворешни работи на Холандија, како земја претседавач со Советот на Европската унија.

На утрешниот состанок на министрите главна тема на дискусија ќе бидат предизвиците на миграцијата и регионалната соработка.

На дневен ред на состаноците што ќе се одржат во петок ќе бидат соработката во областа на граничното управување и борбата против трговијата со илегални мигранти и терористичките мрежи. Исто така, разговорите ќе се фокусираат и на хуманитарната димензија на миграцијата и ќе се истражуваат области за соработка и подобра координација за управување со бегалската и миграциската криза.

По завршувањето на состаноците планирано е да се одржи и прес-конференција.