Свет
18. July 2017 - 15:24

„Министерска војна“ во британската Влада околу Брегзит

 Британската премиерка Тереза Меј ги предупреди министрите во владата да ја запрат распалената меѓусебна „војна“, затоа што од нивните јавни расправии штети трпи државата и нејзината преговарачка позиција во преговорите со ЕУ.

Според британските медиуми, кои на владината криза посветуваат големо внимание, причина за „министерската војна“ се Брегзитот и како да се изведе излегувањето на Велика Британија од Унијата.

Меј зборувала синоќа на еден затворен за јавноста традиционален летен собир на незините ториевци, на кој покрај министри и високи функционери на владејачката Конзеративна партија, присуствувале и дел од пратениците во Долниот дом на Парламентот.

Меј, која е и лидер на ториевците, се заканила со казнување и сменување на „воинствените“ министри, предупредувајќи ги дека пред нив стои алтернативата - или таа како премиер или лидерот на опозицијата Џереми Корбин, кој може да ја искористи „граѓанската војна“ во ториевските редови при евентуален пад на Владата.

Медиумите тврдат дека за денеска била предвидена седница на помал состав на Владата, која е означена како „приватна средба“ на министрите, додека политичарите формално се наоѓаат на одмор.

Повод за покренувањето на „министерската војна“ е Брегзит, а пред се политиката и заложбите што ги сугерира министерот за финансии Филип Хамонд.

Од почетокот на процесот на Брегзит, Хамонд, кој иако евроскептик на референдумот заговараше останување на Велика Британија во ЕУ, предупредува на опасностите по британската економија, финансиите, статусот на лондонски Сити и однесувањето на инвеститорите, што се заедно може да предизвика серизони проблеми за Британците.

Тој на почетокот беше еден од ретките министри за останување на Велика Британија на единствениот пазар и во царинската унија, но подоцна се приклони кон мнозинството министри и премиерката Меј, но продолжува да инсистира на „мек“ Брегзит и е остар пртивник на заговарањето дека може да се излезе од Унијата и без договор со Брисел.

Директен повод за сегашната криза се смета дека се серијата обвинувања на негова сметка од тврдите „брегзитери“, како шефот на дипломатијата Борис Џонсон, министерот Мајкл Гоув, како и министерот за Брегзит Дејвид Дејвис.

Лондонските медиуми сметаат дека тие им доставваат на весниците, посебно оние кои важат за проториевски, информации што треба да го „оцрнат“ Хамонд во британската јавност, а пред се кај оние кои гласаа за Брегзит.

Тврдите „брегзитери“ веќе го обвинија Хамонд дека останал приврзаник на останувањето на Велика Британија во ЕУ , па дека се работи за да му напакости на процесот на Брегзит.

Џонсон, Гоув, Дејвис и шефот на Хоум Офисот, Амбер Рад , се сметаат за потенцијални кандидати за неследници на Тереза Меј, а во тоа друштво весниците го споменуваат и Филип Хамонд, па нивните несогласувања околу Брегзит се сметаат како дел од битката за иден британски премиер.

Меј, засега, го поддржува Хамонд, а Рад во изјава за телевизија Скај рече дека сите негови заложби се во „интерес на британаката економија, што е сосема оправдано“ од него како министер за финансии.