Бизнис
8. February 2023 - 19:53

Министерот за земјоделство очекува дополнително намалување на цените

Производителите да ги намалат цените, трговците маржите, а надлежните да излезат на терен и да казнуваат. Владата им даде поевтина струја на компаниите од прехранбената индустрија, но пониски цени на рафтовите во маркетите нема. Според министерот за земјоделие, помошта од државата во делот на електричната енергија е голем, затоа смета дека не 10%, туку намалувањето на цените на основните прехранбени производи  треба да биде позначително

Очекувам нивното намалување по целокупната поддршка за струјата што ја добиваат компаниите од прехранбената индустрија да не е осум или десет проценти. Сите како граѓани очекуваме намалување на цените. Преработувачката индустрија доби дополнителни привилегии во делот на цената на електричната енергија и јас, како и сите граѓани, очекувам дека тоа на крајот ќе се види во маркетите, особено кај основните продукти чии цени граѓаните навистина очекуваат да бидат намалени, изјави Љупчо Николовски, министер за земјоделие  

Пред 2 месеци, односно од 1 декември 150 компании од  прехранбената индустрија  добија фиксна  цена на струјата, далеку пониска од онаа која ја купуваа на слободниот пазар. Но за возврат требаше  да ги намалат цените на нивните  производи. Наместо тоа, дел од нив изјавија дека електричнaтa енергија им била само еден влезен елемент од вкупните трошоци, и затоа не  се очекува подрастично намалување. Од Државниот пазарен инспекторот пак, велат дека тие се надлежни само во делот на почитување на одлуката за органичување на маржите за трговците, додека за формирање на цените, во пазарна економија, ниту имаат надлежности, ниту пак можат да влијаатв врз формирање на цените на пазарот.