Македонија
26. November 2018 - 16:34

Министерот за здравство не се откажува од големиот тендер за набавка на реагенси

Додека обвинителството собира докази за евентуални злоупотреби во тендерската постапка за набавка на лабораториски реагенси за крвни анализи тежок 35 милиони евра, министерството за здравство најдоцна за 2 недели ќе распише нов оглас за истата сума за тригодишен период. По бурните реакции во јавноста Филипче во август го поништи претходниот тендер со образложение дека единствената компанија немала комплетна документација, а сомнеж предизвика и фирмата дистрибутер која била формирана пред неколку месеци. Сега министерот тврди дека ги прифатиле забелешките од комисијата за јавни набавки и ќе може да конкурираат повеќе оператори. Тендерот нема да биде како претходно неделив, туку фирмите ќе можат да конкурираат во 7 различни делови од набавката, со можност да се групираат и да го делат колачот.

-Целта е да обезбедиме заштеда. Нема да продолжиме ако се роди и најмал сомнеж, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство.

Филипче објасни дека се откажуваат од концептот и за 8 централни лаборатории во цела држава како и од транспортот на крвта. Во секој град наместо 2 или 3 ќе има само една локација за анализи, а примероци ќе се земаат во исти болници и клиники како и досега. Во Скопје крвта ќе се испитува во Старата градска болница, ГОБ 8 септември, а во Комплексот Мајка Тереза ќе има Централна лабораторија во Клиничка биохемија како и дежурна за потребите на Ургентен и Хирургија. Исто така наместо 11 лаборатории во исто толку скопски поликлиники ќе има само во 6.

Министерот тврди дека нема да има отпуштања од работа и очекува од 35 милиони евра здравството да заштедело 15 проценти и истите да бидат пренаменети за плата на медицинските работници.