Македонија
13. јуни 2018 - 19:38

Министерот за дијаспора Адеми се сретна со амбасадорката на Канада, Кати Чаба

Министерот задолжен за дијаспора Едмонд Адеми денеска имал средба со амбасадорката на Канада во Белград, Кати Чаба, која нерезидентно ја покрива и Република Македонија Кабинетот на Адеми соопшти дека тој и посакал успеси во извршувањето на новата амбасадорска функција во Република Македонија и динамизирање на дипломатските односи меѓу двете пријателски земји во сите области од заемен интерес. 

- Канадската амбасадорка Чаба ја искористи оваа прилика во име на канадската Влада и во свое лично име да и честита на Владата и на сите граѓани на Република Македонија за постигнатиот историски договор меѓу Македонија и Грција и конечното отворање на вратите за полноправно членство на РМ во НАТО и ЕУ. Воедно, нагласи дека Македонија ќе ја има целосната поддршка од Владата на Канада во евроатлантските процеси и во сите други активности во меѓународни рамки, за коишто Канада ќе ги искористи своите дипломатски влијанија во интерес на Македонија, стои во соопштението од Кабинетот на Адеми. 

Тој на средбата ја информирал Чаба за активностите кои неговиот кабинет ги презел за законската регулатива, Националната стратегија за соработка со дијаспората, нејзино поврзување со државните институци и користење на сите капацитети на дијаспората во интерес на нашата земја.

- Исто така, нагласи дека Канада како држава е многу значајна за Македонија поради големото присуство на дијаспората по потекло од Македонија, која е позитивно етаблирана и интегрирана во канадското мултикултурно и мултинационално општество, и е мост за поврзување меѓу двете наши пријателски земји, на економски план и во странските инвестициски проекти, соопшшти Кабинетот на министерот за дијаспора.