Македонија
5. September 2017 - 14:13

Министерот Спасовски во посета на СВР - Охрид

Новите принципи на работа на полициските служби, пред се транспарентноста и отчетноста на институцијата пред граѓаните како нејзин сервис, беа главна тема на разговорот што денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го оствари со раководните лица од СВР – Охрид.

Спасовски по средбата истакна дека истовремено бил информиран за актуелната безбедносна состојба во подрачјето што е под ингеренција на СВР – Охрид, која ја оцени како добра, но истовремено посочувајќи дека треба да се работи за нејзино подобрување во повеќе аспекти.

- Еден од клучните проблеми особено на СВР - Охрид е недостатокот на кадровски потенцијал, поточно на полицајци кои ќе работат на терен, рече тој притоа како решение посочувајќи го конкурсот за прием на нови службеници, но и евентуалните можности за прераспредување на униформирани лица од други сектори на МВР.

Што се однесува на изминатата туристичка сезона, министерот рече дека е задоволен од работата на службата во летниот период, со укажување на потребата од дополнителен ангажман и надградување на професионалноста во работењето на институцијата и на поединецот во неа, се во насока на профилирање на службата како сервис близок до граѓаните.

Спасовски ги повика граѓаните да бидат кооперативни и блиски до полицијата, што е предуслов за нејзино успешно функционирање во обостран интерес.

На новинарско прашање во врска со претстојните локални избори Спасовски нагласи дека полицијата има цел да обезбеди непречен изборен процес, за што активно се подготува во соработка со Државната изборна комисија, во насока на создавање атмосфера за реализирање фер и демократски избори.